За секое покачување од 100евра, Владата ќе ПОЧАCТИ плус 50евра

По 3.186 денари по работник ќе добијат газдите од Владата, ако ја зголемат платата за 100 евра како што предвидува новата мерка за субвенционирање на зголемување на платите во приватниот сектор. Владата, како што најави, премиерот Зоран Заев планира со ребалансот на Буџетот да обезбеди 40 милиони евра за покривање на оваа мерка. Работодавачите се задоволни што едно нивно барање од лани за субвенционирање на придонесите ќе се реализира. Работниците се задоволни што ќе можат да добијат повисоки плати.

Според она што досега е познато, Владата ќе ги покрие придонесите за износот за кој се зголемува платата до износ од 100 евра. Работодавачот, пак, ќе го плати само персонален данок на зголемувањето.

Министерството за труд и социјална политика веќе работи на предлог-закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по основ на зголемување на плата. Според она што е објавено на Единствениот електронски национален регистар (ЕНЕР) со законот се уредува висината, условите и начинот за субвенционирање на придонесите.

„Целта е да се стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените“, велат од Министерството.

За Организацијата на работодавачи ваквата мерка на Владата е прифатлива со оглед дека тие уште лани барале за трудоинтензивните сектори да се субвенционира зголемувањето на платата.

– Владата, сепак, одлучи да го субвенционира зголемувањето на платата во сите ресори освен за буџетарите. Со оглед дека сѐ потешко се наоѓа работна рака во земјава на работодавачите ова им е мерка која ќе го ублажи зголемувањето на платата за да можат да ги задржат работниците или да привлечат нови. Најдобро ќе поминат компаниите кои на работниците им даваат дел од платата во кеш и вака само ќе го легализираат тоа. Другите ќе треба да обезбедат пари за зголемување на платите со тоа што за нив е поволно што нема да плаќаат придонеси – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Мерката, додава тој, е еден начин да се зголеми и просечната плата во земјата, а ќе важи и за зголемувањето на минималната плата.

Павел Гацов од Агенцијата за сметководствен, даночен и бизнис консалтинг „Проагенс“ смета дека мерката е нов обид да се поттикне зголемувањето на платите за да се достигне ветеното ниво на просечна нето плата од 500 евра.

– Растот на платите веќе неколку месеци се заглави на 400 евра и ова е нов обид да се поттикне растот. Сепак, сметам дека со оваа мерка нема да придонесе за истиснување на кешот кај платите. За тоа треба поригорозно спроведување на мерките донесени пред тоа – вели Гацов.

Според најавеното, мерката треба да почне да се применува од октомври годинава, а пари за реализација на мерката ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот чија изработка е при крај.